Властите во канадските Северозападни територии прогласија вонредна состојба поради пожарите

Владата на Северозападните територии на Канада прогласи вонредна состојба поради шумски пожари, давајќи им на властите дополнителни овластувања да реагираат во итни случаи. 

Канадската влада вчера соопшти дека одобрила федерална помош за борбата против шумските пожари и распоредување на вооружени сили за да помогнат во гаснење на пожарите во Северозападните територии, пренесуваат британските медиуми. 

Во понеделникот доцна вечерта вонредна состојба беше прогласена и во главниот град Јелоунајф поради потенцијални ризици од блиските шумски пожари. Мерката бешее преземена поради претпазливост и на жителите не им било наредено да се евакуираат, соопштија градските власти. 

Јелоунајф се наоѓа на 450 километри јужно од Арктичкиот круг и со околу 20.000 жители е едно од најголемите населби во ретко населениот север на Канада. 

На жителите на повеќето заедници во регионот Слејв, во јужниот дел на Северозападните територии, кои граничат со провинцијата Алберта, во текот на викендот им беше наредено да се евакуираат. 

Селото Ентерпрајс, со повеќе од 100 жители, е речиси целосно уништено од пожарот, јави вчера Си-би-си  Њуз.

Шумските пожари годинава зафатија делови од речиси сите 13 канадски провинции и територии, при што се изгорени повеќе од 130.000 квадратни километри земја. 

Од почетокот на годината во Северозападните територии имало 265 шумски пожари, што е многу повеќе од 10-годишниот годишен просек од 185.