ВМРО-ДПМНЕ: “Господата од СДСМ се многу бучни за крстот на Попова Шапка, но никаде ги немаше кога се градеше џамијата“

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ангел Карапетров, реагираше на прес-конференцијата на пратеничката на СДСМ, Фаница Николовска. Тој порача дека јавноста веќе се измори, од како што вели, игрите на СДСМ и ДУИ и секојдневното подгревање на тензиите околу состојбата со крстот на Попова Шапка и постојаниот повик до нив дека биле криви.

Фаница Николовска и СДСМ најпрво треба да престанат да се брукаат кога повикуваат на смиреност и намалување на тензиите, кога добро знаат дека токму тие ги предизвикуваат. Одлуката за уривање на крстот не е одлука на БЕСА и ВМРО, туку одлука на Општинскиот инспекторат, кој постапи по барање на коалиционен парнер на СДСМ, ДУИ. Јавноста добро памети дека нивниот парнер ДУИ уште дента кога се постави крстот реагираше како да се случило нешто најстрашно“, вели Ангел Карапетров во соопштение до јавноста. 

Тој оцени дека нема да се отстрани крстот на Попова Шапка.

Доколку убаво го слушале раководителот на Инспекторатот кој кажа дека решението ќе се спроведе кога ќе дојде на ред, односно после 5000 други нелегални објекти , меѓу кои и џамијата на Попова Шапка, ќе знаат дека такво нешто нема да се случи. Господата од СДСМ се многу бучни за крстот, но никаде ги немаше кога се градеше џамијата, токму во време кога тие бие лонче и капаче во тетовската локална власт заедно со ДУИ. Крајот им се гледа, но апелираме нервозата да си ја задржат барем во овие празнични денови, кога јавноста сака мир, сплотеност и убави мигови со своите блиски“, се вели во соопшението на Ангел Карапетров.