ВМРО-ДПМНЕ: Инфлацијата во Македонија е за 50 отсто повисока отколку во еврозоната

Инфлацијата во Македонија е за 50 отсто поголема од таа во еврозоната, обвинуваат денеска ВМРО-ДПМНЕ, пренесува Телеграф Македонија.

Од таму велат дека според бројките на ЕСХС и Евростат, покажуваат дека премиерот „Ковачевски лаже кога вели дека инфлацијата е намалена“.

„Во ЕУ е 4,3%, во Македонија во истиот период 6,6%, односно 50% повисока инфлација. Она што народот можеше да го купи со 500 денари пред да дојде СДС на власт, сега не може ни со 1.000 денари. Цените постојано растат, а платите не само што не се исти, туку и се намалуваат“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според официјалните податоци, инфлацијата во септември 2023 година паднала на 6,6 отсто. Ова е најниската стапка на инфлација во последните 20 месеци, откако стапката, поттикната од војната во Украина, енергетската криза и прекините во снабдувањето, достигна врв од 19,8 отсто во октомври минатата година.

Во август 2023 година, продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски на месечно ниво за 0,6 отсто, додека на годишно ниво за 1,2 отсто.