Воведувањето дневна евтина тарифа значи двојно поевтина цена на електрична енергија, вели Ковачевски
Граѓаните плаќаат субвенционирана цена на електрична енергија во нашата држава благодарение на субвенциите коишто ги обезбедува Владата од буџетот, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски кој денеска одговараше на прашање како граѓаните ќе заштедат 1.000 денари со воведување на дневната евтина тарифа на струјата од 13 до 15 часот. Ковачевски посочи дека на секоја сметка која што граѓаните ја добиваат од универзалниот снабдувач, а тоа е ЕВН точно е наведено во кој опсег колку електрична енергија трошат и колку е субвенцијата од државниот буџет.
-И тие субвенции се движат во текот на изминатата година и половина скоро ќе биде веќе две години до 90 проценти од сметката, што значи доколку не е таа субвенција сметките на граѓаните би биле дупло повисоки. Воведувањето на дневната евтина тарифа значи двојно поевтина цена на електрична енергија која што во текот на денот од 13 до 15 часот ќе ја плаќаат граѓаните и во тој временски период вие знаете дека во домаќинствата се одвиваат подготовка на оброци и голем број на други активности со оглед на тоа дека тоа се големи консументи на електрична енергија, грејни тела итн., тоа овозможува намалување на финалните сметки на граѓаните. Со тоа најмногу се штити стандардот на оние коишто во тоа време се дома, а тоа се доминантно над 350.000 пензионери, тоа се родители коишто се грижат за своите деца итн., вели Ковачевски.
Премиерот, Ковачевски смета дека врз основа на калкулации коишто се прават за потрошувачка на електрична енергија во текот на тие два часа заштедата е над илјада денари во однос на сметката колку би била ,доколку целата таа електрична енергија се потроши во скапа тарифа.
-Инаку, како е овозможена таа евтина тарифа? Со спроведување на многу јасна стратегија која што ја има Владата. Ние до 2016 година имавме инсталирано 16 мегавати обновливи извори на енергија во државата. Само во мојот мандат како претседател на Владата од 16 јануари минатата година до крајот на оваа година тоа ќе бидат 600 мегавати инсталирана енергија од обновливи извори на енергија. Тие 600 мегавати даваат најмногу електрична енергија во текот на дневните часови и тоа од 13 до 15 часот и затоа е овозможена дневна евтина тарифа за граѓаните. Јасна стратегија, јасен резултат на бенефит на државата, потенцираше Ковачевски.
На новинарско прашање кога ќе биде потпишан одговорот со грчката компанија за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ и дека една компанија се жалела на постапка, премиерот Ковачевски вели дека договорот е дел од тендерската документација.
– Понудите на компаниите ги има евалуирано независна комисија, не Владата, и врз основа на евалуацијата од страна на независната комисија тие имаат доставено до Владата евалуација, каде што е јасно наведено која компанија ги исполнува, а тоа е конзорциумот ППЦ Архиродон од Грција, вели Ковачевски.
Забележа дека одлуката на Владата е дека е избран понудувач, согласно објавената тендерска документација која што ја имале кога конкурирале победникот и сите други компании.
-Така што, сега останува на нив да во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, министерката за животна средина е овластена од страна на Владата да го потпише договорот и низ процедура тој договор да се потпише се разбира на обострано задоволство на победникот на постапката и на МЖСП, Владата и секако ЕСМ, којшто ќе треба да биде содружник во новата компанија, рече Ковачевски.
Што се однесува на прашањето, дали тоа ќе биде до крајот на годината, Ковачевски со одговор дека тоа ќе биде согласно роковите, согласно договорот, согласно објавената тендерска документација и како што вели во таа работа нема менување.