Водите на Езеро Младост и градскиот базен се епидемиолошки исправни за рекреација и капење на велешани во текот на летото

Водата во Езеро Младост и во градскиот базен се исправни за капење и рекреација, додека реките Бабуна, Тополка, во нивниот долен тек и Вардар низ Велес, не се за капење, оти се бактериолошки загадени. Ова се препораките на Центарот за јавно здравје Велес, по обработката на резултатите за квалитетот на водите по измерените вредности во месец јули.

Квалитетот на водите на река Бабуна се врши на едно мерно место викано „Прва плажа“, кај фудбалското игралиште. Водите на река Бабуна се во трета класа по бактериолошка контаминација. Испитување на квалитетот на водите на река Вардар кај Велес се врши на две мерни места, на влезот кај мостот на Башино село и на излезот кај Долни Дуќани. Анализите покажуваат дека водите се во четврта класа по присуство на амонијак и бактериолошка контаминација. Реката Тополка во долен тек, пред вливот во река Вардар е во трета класа по бактериолошка контаминација. Сите овие води не треба да се користат за капење, рекреација и наводнување, констатираат од Центарот за јавно здравје.

Испитувањата на квалитетот на водите од Езеро Младост се врши на две плажи-„Романтик“ и „Градска плажа“ на влезот од езеро и сите осум параметри за периодот мај – јули одговараат на бараните микробиолошки критериуми.