Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во саботата изјави дека украинските трупи „постигнуваат напредок“ во контраофанзивата против руските сили, отфрлајќи ги изјавите на западните претставници дека Украина напредува премногу бавно на теренот.
Во контраофанзивата започната пред три месеци, украинските сили повторно зазедоа десетици села, но ниту една поголема област или град, што предизвика фрустрација кај неколку американски официјални лица кои не само што укажуваат на бавен напредок, туку и ја критикуваат целата украинска стратегија.
„Украинските сили одат напред. И покрај се и без разлика што некој ќе каже, ние напредуваме и тоа е најважно“, вели Володимир Зеленски.
Некои стравуваат дека поддршката од Запад може да попушти бидејќи постуденото и дождливото време го забавува напредокот на линијата на фронтот. Покрај тоа, Запад инвестираше милијарди долари во оваа контраофанзива, а Украина бара уште повеќе.
Според заменик-министерката за одбрана Хана Малиар, украинските сили донекаде го забрзале темпото на југоисточниот фронт на Запорожје, каде, како што тврди таа, ги пробиле првите линии на руската одбрана.
И Белата куќа ја потврди веста за „важниот успех“.
„Украинската Армија не забележа нов успех, но нејзините единици се движат кон Мелитопол, урбан центар во Запорожје под руска контрола“, се вели во соопштението од Вашингтон.
Русија ја оцени украинската контраофанзива како неуспешна, но официјален Киев тврди дека бавно напредува бидејќи сака да ги минимизира човечките загуби.