Володимир Зеленски со јасна порака од Хаг: “Сите сакаме да го видиме Владимир Путин овде! Сигурен сум дека ќе го доживееме тоа кога ќе победиме…“

Претседателот на Русија, Владимир Путин, мора да биде изведен пред лицето на правдата за војната во Украина“, порача во четвртокот претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на посетата на Хаг, каде што е седиштето на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Во март МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин поради сомневање дека депортирал деца од Украина, а Европската комисија објави дека во Хаг ќе се формира меѓународен центар за гонење на злосторствата за агресија во Украина.

Сите сакаме да видиме еден поинаков Владимир овде во Хаг, оној кој заслужува да биде санкциониран за неговите криминални дејствија овде, во главниот град на меѓународното право“, порача Володимир Зеленски во говорот, мислејќи на Владимир Путин.

Сигурен сум дека ќе го доживееме тоа кога ќе победиме“, нагласи тој за време на неговата прва официјална посета на Холандија и посочи: „Кој ја води војната мора да биде осуден“.

Русија, која не е членка на МКС и не ја прифаќа нејзината јурисдикција, негира дека извршила злосторства за време на конфликтот со Украина, што го нарекува „специјална воена операција“ за „демилитаризација“ на својот сосед.

Володимир Зеленски претходно во текот на денот го посети Меѓународниот кривичен суд. МКС соопшти дека посетата траела помалку од еден час, но не даде детали за што се разговарало.

На заминување, Володимир Зеленски му мавна рака на едно украинско семејство кое стоело пред зградата на МКС додека тие извикуваа – „Слава на Украина“.

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, украинскиот претседател посети голем број големи градови, вклучувајќи ги Лондон, Париз и Вашингтон.

Холандија силно ја поддржува Украина, а нејзиниот премиер Марк Руте во февруари изјави дека не е исклучено да обезбеди воена поддршка и за Киев, се додека не го доведе НАТО во конфликт со Русија.

Володимир Зеленски, кој претходно во текот на денот се сретна со холандските претставници, ќе има средби и со холандскиот премиер Марк Руте и белгискиот премиер Александар Де Кро.

МКС може да суди геноцид во Украина, но нема јурисдикција над наводните злосторства на агресија извршени од Русија.