„Волстрит џурнал“: Новата американска помош за Украина нема кардинално да ја промени позицијата на Киев на бојното поле

 Новата американска помош за Украина нема кардинално да ја промени позицијата на Киев на бојното поле, пишува весникот „Волстрит џурнал“.

„Имајќи ја предвид тешката позиција на Украина на бојното поле и успесите што ги постигнаа руските војници во последните месеци, малку е веројатно дека новата помош кардинално ќе ја промени судбината на Киев“, пишува весникот.

Во написот се потсетува дека Украина се соочува со сериозен недостиг на луѓе, како и гранати.

Според весникот, новиот пакет помош од САД, во најдобар случај, би можел да и помогне на Украина да ги спречи руските напади и да ја „задржи територијата“ додека европските сојузници не бидат во можност да обезбедат поголема помош за земјата следната година.

Претставничкиот дом на САД синоќа го усвои предлог-законот со кој на Украина, Израел и американските сојузници во Индо-пацифичкиот регион им се обезбедуваат дополнителни финансиски средства во износ од вкупно 95 милијарди долари. За законот треба да се изјасни и американскиот Сенат.