Вонредна состојба во 52 града и општини на Србија поради поплавите, за 24 часа евакуирани 217 лица

Началникот на Управата за противпожарни и спасувачки единици на Секторот за вонредни ситуации на Министерството за внатрешни работи на Србија, Недељко Гагиќ, изјави дека вонредна состојба е воведена во 52 града и општини во Србија и додаде дека за 24 часа се евакуирани 217 лица.

Според неговите зборови, од почетокот на поројните врнежи, од 26 мај до денес, евакуирани се вкупно 295 лица кои биле загрозени, од своите домови и возила што биле заглавени во поплавите.

„Најголема штета е причинета на територијата на Расинскиот Управен Округ, Рашкиот Управен Округ, Шумадискиот Управен Округ, во тие централни делови на Србија, врз станбените објекти. Имаше голема штета и на јавните објекти, како што се болници, а оштетени се и земјоделски површини кои се под вода. Штета претрпеа и локалните патишта, некатегоризирани патишта, но и магистралните патишта“, рече Гагиќ.

Припадниците на МВР на Србија, Секторот за вонредни состојби, во текот на ноќта превентивно ги обиколија сите критични водотеци на територијата на цела Србија, а беа ангажирани и во пумпањето вода во Бор, во Шарлинац, во Општина Дољевац.

Специјалните тимови за спасување и работа на вода синоќа во Миросаљиќ во Лазаревац евакуираа едно лице кое паднало во реката Турија.

„Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира до сите граѓани да не приоѓаат до надојдените води, во случај на евентуална опасност да ги слушаат надлежните институции и доколку водата се заканува да влезе во домаќинствата, да ги искористат вреќите со песок за да си ја обезбедат локацијата, а во случај на директна опасност, да се качат на повисоки места, да ја исклучат електричната енергија и да ги повикаат пожарникарите на бројот 193 или полицијата на 192, за да им биде укажана адекватна помош“, објави МВР на Србија.

Српските медиуми објавија дека мостот преку Западна Морава, што ги соединува чачанските села со Слатина, потполно е уништен рано утрово под налетот на буицата и обилните врнежи што ги погодија Чачак и неговата околина.