Војната влезе во ќор-сокак: Лукашенко апелираше до Русија и Украина да преговараат за крај на конфликтот

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко оцени дека Русија и Украина се во ќорсокак на линијата на фронтот и дека двете страни треба да седнат и да преговараат за крај на конфликтот, објави денеска Ројтерс.

– Има доволно проблеми на двете страни и генерално кажано, ситуацијата сега е дојдена во ќорсокак – никој ништо не може, ниту може значително да ја зацврсти својата позиција. Тие се спротивставени на фронтот, до смрт, закопани во ров. Луѓето умираат – рече Лукашенко.

Белата куќа соопшти дека руските сили продолжиле со нападите оваа недела во близина на уништениот град Авдеевка во Доњецк и претрпеле, како што рече, „тешки жртви“, но голем дел од линијата на фронтот во Украина малку се променила во изминатата година, и покрај исцрпувачките офанзиви на Киев.

Лукашенко рече дека барањето на Украина до Русија да ја напушти нејзината територија „треба да се реши на преговарачка маса, за повеќе да нема жртви“.

– Мора да седнеме на преговарачка маса и да постигнеме договор. Како што реков еднаш претходно: не се потребни никакви предуслови. Главната работа е да се издаде командата „стоп“ – одговори Лукашенко на прашањето на белоруската новинска агенција Белта.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата, на состанокот со 60 национални советници, повтори дека неговиот план од 10 точки е единствениот начин да се стави крај на војната.

Овој план вклучува враќање на територијалниот интегритет на Украина.