Во судирите во Судан досега загинаа 185 луѓе, а повеќе од 1.800 цивили и војници се повредени
Суданската војска соопшти дека почнувајќи од 18:00 часот, ќе се придржува на 24-часовниот повик за прекин на огнот што го предложија меѓународните страни.
Заповедникот на суданската војска, генерал Абдулфетах ал-Бурхан, во изјава за „Си-ен-ен“ (CNN) рече дека ќе се придржуваат на 24-часовниот прекин на огнот, почнувајќи од 18:00 часот по локално време, како одговор на повиците на меѓународната заедница.
Мохамед Хамдан Дагалу, командант на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кои се во судир со војската на Судан, објави дека го прифатиле предлогот за 24-часовен прекин на огнот на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
Според соопштението на американскиот Стејт департмент, Блинкен вчера имал одвоени состаноци со командантот на Суданските вооружени сили, генерал Абдулфетах ал-Бурхан, и со командантот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагалу.
„Министерот Блинкен ја нагласи итноста за постигнување на примирје за да се овозможи испорака на хуманитарна помош за оние кои се погодени од војната, повторно обединување на суданските семејства и обезбедување на присуството на меѓународната заедница во Картум“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Утрото на 15 април во Картум, главниот град на Судан, и во други градови низ земјата, избувнаа вооружени судири меѓу суданската војска и паравоените сили РСФ.
Хаотичните сцени на борби со тенкови, митралези на камиони, артилерија и борбени авиони во населените подрачја на главниот град се без преседан. Судан има долга историја на граѓански судири, но многу нешта се случуваа и во оддалечените племенски подрачја, далеку од Картум.
Волкер Пертес, специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) во Судан, соопшти дека во судирите во Судан загинале 185 лица, а повеќе од 1.800 цивили и војници се повредени.
TRT Balkan