Во Албанија пронајдено најголемото подземно термално езеро

Тим чешки научници во Албанија го открија најголемото подземно термално езеро на светот, објави Радио Прага.

Откритието дојде по долгогодишно истражување предводено од чешкиот спелеолог Марек Ауди, кој се сомневал дека постои скриен систем на топлинска пештера во јужниот албански регион Вромонер.

Додека ја мапираа областа, во близина на грчката граница, и ја следеа пареата од бројните загреани извори, научниците открија бездна длабока 100 метри.

На неговото дно, го пронашле езерото, кое е долго 138 метри, со широчина од 42 метри.

Научниците велат дека сега знаат дека околните топли извори се хранат со вода од ова подземно езеро.

„Веруваме дека ова откритие може да придонесе и за заштита на целата област и за подобро разбирање на нејзината хидрологија, бидејќи до ден-денес никој не знае како точно овие подземни води се поврзани со површината“, изјави за Радио Прага член на тимот Ричард Буда, фотограф и спелеолог.