Во Англија пронајден череп од плиосаурус: На него останале дури 130 остри заби!

Научниците во близина на англискиот округ Дорсет пронајдоа череп на големо праисториско морско „чудовиште“, плиосаурус , кој живеел во океаните пред приближно 150 милиони години.

Два метри долгиот череп на морскиот рептил е еден од најдобро зачуваните примероци од ваков вид, што на научниците им овозможи подобар увид во начинот на живот на овој древен предатор, објави Би-Би-Си.

Локалниот палеонтолог Стив Ечис рече дека „нема никаде друг вид како овој“.

– Ова е еден од најдобро зачуваните фосили на кои сум работел. Уникатен е затоа што е комплетен – изјави тој за британскиот јавен сервис.

Со оглед на тоа дека е долг два метри, черепот е поголем од просечниот човек, а на него останале 130 многу остри заби.

– Плиосаурус беше крајната машина за убивање и беше долг од 10 до 12 метри, со четири моќни екстремитети налик на перки кои го придвижуваа со голема брзина. Тоа беше врвниот предатор во океанот * се наведува во текстот на Би-Би-Си.