– Ресторан од синџирот на познатиот британски готвач Џејми Оливер „Jamie’s Italian“ наскоро ќе биде отворен во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
На официјалната страна на белградскиот ресторан „Jamie’s Italian“ стои дека ресторанот ќе се наоѓа на улицата Херцеговачка, во населбата Белград на вода.
-Горд сум на „Jamie’s Italian“. Нашиот одличен тим е како големо семејство – тие ќе се грижат за вас додека уживате во вкусна храна, подготвена од внимателно избрани состојки. Одлична храна, врвна енергија и прекрасен амбиент, изјави Џејми Оливер за официјалната страница на ресторанот.
Џејми Оливер во 2017 година затвори шест ресторани од ланецот „Jamie’s Italian“ во Велика Британија поради поскапувањето на состојките за италијанските јадења што ги подготвува, што се случи по Брегзит.
Како причини за затворање на дел од ресторанот, покрај поскапувањето на состојките, се наведуваат и трошоците за обука на вработените и пад на посетеноста.
Сепак, рестораните од синџирот „Jamie’s Italian“ продолжија да работат во странство. По Ирска, Бразил, Португалија, Унгарија, Кипар, Индија, Катар, Саудиска Арабија, ОАЕ, „Jamie’s Italian“ наскоро ќе пристигне и во Србија.
Џејми Оливер стекна светска слава со своите ТВ емисии кон крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите, во кои подготвуваше јадењата на брз и едноставен начин.
Тој е автор на неколку готвачи и сопственик на неколку синџири ресторани кои работат ширум светот.