Во Битола ќе се изработува студија за „Паметен и одржлив битолски регион“

– Со средства од странство, во Битола ќе се изработи студија за „Паметен и одржлив Битолски регион“, која има за цел да достави конкретни препораки, како да се создаде одржлива урбана средина до 2030 година.

За новиот локален проект градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски беше информиран попладнево на средба со претставници на Кралскиот институт од Шведска (KTH), заедно со претставниците на хуманитарната организација „Hand Till Hand“ во соработка со „Sweco“.

Студијата опфаќа идентификување на предизвиците во однос на искористувањето на енергијата и ресурсите, како и наоѓање на оптимална комбинација на мерки за справување со овие предизвици. Преку оваа студија, ќе се истражат потенцијалните патишта по кои ќе се движи Битолскиот регион во транзицијата за чиста енергија, соопштија од секторот за односи со јавност на Општина Битола.