Во БиХ одбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

 – Во присуство на високи делегации од Босна и Херцеговина и Северна Македонија, на ридот Матиќ кај Мостар беше одбележана 20-годишнината од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски.

Во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, на оддавањето почест на местото на падот на авионот во кој се наоѓаше македонскиот претседател Трајковски и неговата делегација присуствуваа заменик-министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ивица Бошњак, а делегацијата на Владата и Собранието на Република Северна Македонија ја предводеа министерките Бисера Костадиновска-Стојчевска, Каја Шукова и пратеничката Санела Шкријељ.

Бошњак истакна дека и по 20 години од овој трагичен настан со голема почит се сеќаваат на нивниот голем пријател и жалат што го загубиле овој искрен поборник за подобар, стабилен и просперитетен регион, соопшти Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.

„Прераното заминување на претседателот Трајковски е голема загуба не само за Македонија и Босна и Херцеговина, туку и за целиот регион. Босна и Херцеговина не ги заборава и нема да ги заборави своите пријатели, како што беше претседателот Трајковски“, нагласи Бошњак.

Македонскиот претседател Борис Трајковски заедно со неговите соработници и членови на екипажот трагично загина во авионска несреќа при пристигнувањето на Меѓународната инвестициска конференција во Мостар во 2004 година.