Во гимназијата само еден матурант на македонски и 13 на турски наставен јазик

Во гимназијата „АТА“, во Центар Жупа, тековнава учебна година средното образование го завршуваат 14 ученици, што е за три помалку споредено минатата.

– Во нашата гимназија имаме 14 матуранти од нив еден е на македонски наставен јазик и е пријавен за полагање училишна матура. На турски наставен јазик се 13 од кои 10 се пријавени за полагање државна, додека тројца за училишна матура. Минатата учебна година средното образование го завршија 17 ученици, што е за тројца помалку – вели директорот на гимназијата Сабри Асан.

Во оваа образовна установа во учебната 2023/ 2024 година настава следат вкупно 90 ученици на двата наставни јазика.

Главната причина за сè помалиот број ученици, како во средното така и во двете основни училишта, е масовната миграција. Во некоја од европските земји, главно во Италија, Германија и Швајцарија, се околу 70 отсто од поранешните жители на ова општина.