Во единствениот избирачки список во Дебар над 19 илјади, во Центар Жупа над седум илјади гласачи

Според подрачната канцеларија на Државната изборна комисија во Дебар, што ја покрива и општина Центар Жупа, кои припаѓаат на петтата изборна единица, во избирачките списоци запишани се вкупно 26.717 лица со право на глас.

– Гледано одделно во единствениот избирачки список за општина Дебар запишани се 19.334 гласачи, што е за 123 гласачи повеќе споредено со последните локални избори, во октомври 2021 година, а ќе се гласа на 27 избирачки места. Во единствениот избирачки список за општина Центар Жупа запишани се 7.383 гласачи или 306 повеќе, во однос на повторените избори за градоначалник, а ќе се гласа на 16 избирачки места, велат од канцеларијата.

Додаваат дека во рамки на подготовките за изборите, во општина Центар Жупа успешно е завршена обуката за општинската комисија и избирачките одбори, додека во Дебар таа почнала вчера и ќе трае до петок.

Потсетуваат дека изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријават за гласање на претседателските избори на 24 април.

На последно спроведени избори, локалните, во Дебар гласаа 37 болни и изнемоштени лица, додека во април 2022 на повторените избори за градоначалник, поради необезбеден цензус, во општина Центар Жупа правото на глас го остварија 52 лица.