Во иднина градоначалниците да може да се отповикуваат пред завршување на мандатот

„Градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат, е предлог на власта, кој го подготвуваат работни групи. Целта е да се реализираат измените на Законот за локална самоуправа“. Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоурпава (ЗЕЛС), од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, рече дека идејата за отповикување на градоначалниците по пат на референдум, се родила откако останале нерешени многу проблеми во Град Скопје.

Според, претседателот на ЗЕЛС, измените се предлагаат ‘за да нема неуспешни градоначалници. Не е само Град Скопје, туку и во минатото имало негативни примери’.

„Експертската јавност ќе треба јавно да се вклучи, да се дискутира на таа тема. Отповикувањето на градоначалник, според мене, треба да го направат граѓаните по пат на референдум“, изјави Ѓорѓиевски.

Според првиот човек на ЗЕЛС, предлогот за отповикување на градоначалници по пат на референдум, бил едногласно поддржан од сите градоначалници.