Во израелските напади врз Газа во изминатите 24 часа загинаа 127 Палестинци, билансот порасна на 27.365

– Најмалку 127 Палестинци загинаа, а 178 се повредени во израелските напади во Појасот Газа во изминатите 24 часа, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата.

„Израелската окупација (израелските сили) изврши 14 масакри врз семејства во Појасот Газа, оставајќи 127 загинати и 178 повредени во текот на изминатите 24 часа“, објави Министерството.

„Многу луѓе се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, додаде Министерството.

И покрај пресудата за привремени мерки на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа, каде што според палестинските здравствени власти од 7 октомври досега загинати се најмалку 27.365 Палестинци, главно жени и деца, а 66.630 се повредени.

Израел започна жестока воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 Израелци.

Израелската офанзива остави 85 отсто од населението на Газа внатрешно раселено, акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, и 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, според Обединетите нации.