Во израелските напади врз Газа во изминатото деноноќие загинаа уште 65 Палестинци, билансот порасна на 31.988

– Најмалку 31.988 Палестинци се загинати, а 74.188 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври, соопшти денес Министерството за здравство во Газа.

„Најмалку 65 лица загинаа, а 92 се повредени во израелските напади во последните 24 часа“, истакна Министерството.

„Многу жртви сѐ уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата, а спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.

Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Израелската војна, која влезе во својот 167-ми ден, принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели. Во енклавата се појави акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од нејзината инфраструктура се оштетени или уништени, според Обединетите нации.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во јануари донесе привремена одлука со која му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање на хуманитарната помош за цивилите во Газа.