– Најмалку 14 Палестинци се убиени во израелските воздушни напади изведени во текот на ноќта во централните и јужните делови на Појасот Газа.
Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА објави дека израелските борбени авиони во текот на ноќта извеле воздушни напади на градот Рафа на југот од Појасот Газа и во регионот Деир ал-Балах во централниот дел, бомбардирајќи населени подрачја.
Во текот на бомбардирањето разрушени се две куќи во Рафа, при што убиени се 12 Палестинци, а голем број се ранети.
ВАФА објави дека двајца Палестинци се убиени, а 10 се ранети во нападите на израелската војска на регионот Деир ал-Балах.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.708 Палестинци, од кои 12.000 деца и 8.190 жени, а ранети се повеќе од 67.147 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Според податоците на Обединетите нации, 85 отсто од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.