Во израелски напад убиено семејството на репортерот на Ал Џезира во Газа

– Сопругата и двете деца на репортерот на Ал Џезира во Појасот Газа, Ваел ал-Дахдух, се убиени во израелски воздушен напад, соопшти телевизијата со седиште во Доха.

Сопругата, синот и ќерката на дописникот загинаа во нападот што имал за цел куќа во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти катарската телевизија.

Семејството веќе било раселено од нивниот дом во бегалскиот камп Нусејрат во јужниот дел на Газа поради тековните израелски воздушни напади во Појасот.

Според Ал Џезира, Ал-Дахдух, дописник на арапскиот сервис на телевизијата, известувал за израелските воздушни напади кога ја примил веста за смртта на неговото семејство.

На објавеното видео се гледа како дописникот се простува со својот син кој лежи на земја во болницата. На друга снимка се гледа како тој го носи мртвото тело на својата ќерка в раце.