Во израелското бомбардирање на јужниот дел на Газа загинаа 26 Палестинци

Најмалку 26 Палестинци загинаа во израелско бомбардирање на станбена зграда рано утринава во предградието на градот Кан Јунис, изјави лекар од болницата каде што се однесени телата.

Како што пренесуваат странските агенции, погоден е станбениот комплекс Хамад Сити, кој беше изграден во последните години со финансии од Катар.

„Дваесет лица се повредени“, рече д-р Нехад Таеима во болницата Насер.

Израел ретко коментира за поединечни напади, велејќи само дека врши напади врз Хамас и се обидува да избегне да им наштети на цивилите.

Израелската војска претходно им порача на цивилите да се евакуираат од северниот дел на Појасот Газа, кој е цел на нејзината копнена офанзива, но продолжи да го бомбардира и југот каде што се наоѓа и Кан Јунис.

Израел сигнализираше дека планира да ја прошири офанзивата на југ, додека продолжува со операциите на север, вклучително и во градот Газа, каде војниците сè уште ја претражуваат болницата „Ал Шифа“, барајќи докази дека во неа имало команден центар на Хамас.

Хамас и болничкиот персонал го негираат тоа.