Во Ирак откриена фабрика за производство на каптагон

Министерството за внатрешни работи на Ирак денеска соопшти дека открило фабрика за производство на каптагон на југот на земјата, која во последните години стана центар на трговијата со дрога.

„Денеска е откриена лабораторија за производство на каптагон“, соопшти локалното министерство, додавајќи дека фабриката е откриена во провинцијата Мутана, која граничи со Саудиска Арабија.

Министерството соопшти дека фабриката е „опремена со машини за правење каптагон апчиња“, но не прецизираше дали имало апсења.

Се проценува дека во Ирак, кој граничи со Сирија, Саудиска Арабија и Кувајт, има неколку фабрики за производство на оваа синтетичка дрога од групата амфетамини.

Во последните години во Ирак е зголемено производството и потрошувачката на овој наркотик.