Во Крива Паланка ораторска вечер посветена на стогодишнината од раѓањето на Шопов

– Во Крива Паланка вечерва се одржа осмата ораторска вечер во организација на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, а беше посветена на најголемиот лиричар меѓу поетите, Ацо Шопов.

Совршен спој од креативни, луцидни текстови со пораки кои директно задираат во најгорливите проблеми на младите во денешнината се она по што ќе биде запаметена оваа ораторска вечер на која ставовите, восклиците и критиките ги искажаа пред преполната кино сала во Центарот за култура Крива Паланка деветмина средношколци.

Директорката на СОУ „Ѓорче Петров“ Елена Ѓоргиевска, истакна дека оваа ораторска вечер се одржува во пресрет на патрон празникот на училиштето.

-Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ одбележува 63 години постоење, години во кои е расадник на многу таленти, училиште препознатливо по својот стил и квалитет на работа, отворено за соработка и поттикнување на нови идеи. Многумина од нас во ова училиште ги стекнале корените на она што се денес, успешни луѓе и успешни градители на општеството. Задачата пред нас е да ја сочуваме традицијата и да ја пренесеме на идните поколенија, рече Ѓоргиевска.

Жири-комисијата одлучи да ги прогласи за третопласиран Горјан Младеновски, второ место во ораторство Маја Тасевска и прво место, Ева Новкова.

Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на училиштето, неделава се одржаа: настан под мотото „Јазичната разновидност ги зближува луѓето“, препев на најпознатите македонски песни „Везилка“ и „Т’га за југ“ на странски јазици , англиски, француски, германски и италијански, a талентираните уметници го збогатија холот со нови карикатури и цртежи, вториот ден од одбележувањето на патрон празникот беше посветен на квиз на знаења, а утре е планирано полагање цвеќе на спомен бистата на херојот Ѓорче Петров во дворот на училиштето.