– Со сослушување на сведоци на предлог на одбраната, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Софтвери“ во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
На предлог на одбраната изминатото рочиште сведочеа вешти лица од областа на интелектуална сопственост и од област на материјално, сметководствено и финансиско работење.
Тие одговараа на прашања поставени од обвинетиот Драги Рашковски и обвинителката Ивана Трајчева, а се однесуваа на јавните набавки за кои обвинетиот се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.