Во Македонија формиран Совет за координација на НАТО-активности

– Во Владата на Северна Македонија се одржа инаугуративната седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на земјата во НАТО, јавува Анадолу.

Советот претставува формален меѓувладин механизам за координација на прашањата поврзани со националната безбедност и одбраната, поврзани со НАТО, а настанот е во заедничка организација со британската Амбасада во Северна Македонија.

Инаугуративната седница ја отвори премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, кој рече дека Советот ја потврдува посветеноста на земјата на безбедноста преку единство, како и силната врска со Обединетото Кралство.

„Денес го формираме Советот за координација на активностите на Северна Македонија во НАТО, што како заложба произлезе уште од нашето членство во НАТО. Имајќи ги предвид предизвиците кон безбедноста и стабилноста со кои се соочуваме како дел од евроатлантската заедница, формираме Совет што ја зацврстува нашата отпорност и кој ќе помогне во нашиот координиран настап како институции кога е во прашање безбедноста во најширока смисла, како и прашањата поврзани со НАТО“, рече Џафери.

Наведувајќи ги Русија и тероризмот како две главни закани за НАТО, тој рече дека Алијансата никогаш не била повеќе обединета и посилна од сега.

Свое обраќање имаше и британскиот амбасадор Метју Лосон, кој потсети дека оваа година НАТО слави 75 години од своето основање.