Во Македонска Каменица одржана обука на тема „Производство на матици и нивно размножување”

– Во Македонска Каменица се одржа обука за пчеларство на тема „Производство на матици и нивно размножување”. Настанот го организираше Здружението на пчелари “Еко Кам Мед”, а на предавањето освен пчелари од каменичко учествуваа и пчелари од целиот источен регион.

Предраг Пеџа Миленковиќ, пчелар од Србија како искусен предавач пред присутните истакна дека производство на матици и нивно размножување е една од покомплексните теми, за кои е многу тешко да се објави авторски труд.

-Овде сум на покана на претседателот на здружението Еко Кам Мед, втор пат сум во Македонска Каменица и чест ми е што сум тука. Современото пчеларство изискува промена на матицата секоја година и затоа темата е најдобро да се објасни преку практични примери, бидејки е многу тешко да се објасни без гледање и практичен увид како се одгледува матица, истакна Миленковиќ.

Главна цел на предавањето според него е пчеларите да воочат што е потребно за јако пчеларство, што според него е доста комплексен, но остварлив процес.

Според организаторите одржувањето на ваквите квалитетни обуки, се во насока на развивање на апи-туризмот во Македонска Каменица.

-Денес Македонска Каменица е центар на пчеларството во Македонија. На самото прддавање имаме пчелари од Св.Николе до Берово. Нашиот денешен предавач произведува околу 1000 матици годишни и од огромно значење е што ќе ни ги пренесе неговите знаења, а ,,Еко Кам Мед” и во наредниот период ќе обрне внимание на практичните методи кои ќе ни овозможат современо пчеларење и поголем принос на мед и пчелни производи, додаде претседателот на Еко Кам Мед, Боге Јанковски.

Следниот настан кој здружението ќе ги организира е одбележување на празникот ,,Св.Харалампиј” заштитник на пчеларите како и одржување на пчеларска вечер.