Во Москва средба Путин – Хафтар

– Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска во Москва се сретна со воениот лидер на источна Либија, Халифа Хафтар.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Путин и Хафтар разговарале за „ситуацијата во Либија и регионот“.

Претходно Либиската национална армија (ЛНА) соопшти дека Хафтар во Москва се сретнал и со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Во соопштението од ЛНА се наведува дека Хафтар за време на неговата посета на Русија разговарал за „билатералните односи, начините за нивно зајакнување и развој, како и за прашања од заемен интерес“.

Судирите во Либија почнаа во 2011 година, кога во граѓанската војна беше соборен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи, кој подоцна беше убиен. Оттогаш две ривалски групи се борат за превласт. Силите на генерал Хафтар во април 2019 година поведоа офанзива за заземање на Триполи, но меѓународно признаената Влада возврати. Меѓународно признаената Влада на премиерот Фајез ал Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од територијата, додека седиштето на Хафтар е во Тобрук и тој контролира поголем дел од земјата, а има контрола и врз нафтените полиња.