ВО ОВА МИСТИЧНО МЕСТО ВО ХЕРЦЕГОВИНА ТЕМПЕРАТУРАТА НИКОГАШ НЕ НАДМИНУВА 11 СТЕПЕНИ – На многу начини тоа е невообичаено, има и самовили…
Топлотниот бран го зафати поголемиот дел од Европа, а Босна и Херцеговина не е исклучок. Но, каде да се најде спас од високите температури?
Доколку се одлучите да одите на море, реки или езера, сепак мора да бидете свесни дека моменталното освежување во водата нема да ви го даде потребниот одмор од жештината.
Сепак, на Балканот постои пештерата Вјетреница, во која температурата секогаш е 11 степени.
Вјетреница го претставува најголемиот систем на пештери во Босна и Херцеговина. Се наоѓа во областа на јужниот динарски карст, со влез на самиот раб на Попово поле, 300 метри источно од селото Завале на 260 метри надморска височина. Од Мостар е оддалечена на 80 километри, а од Сараево околу 200 километри.
Таа е на прво место во светот по биодиверзитет и нејзината должина е над седум километри. Просечната температура во внатрешноста на пештерата е 11 степени.
Пештерата е дом на богат пештерски свет, во кој се забележани речиси 200 различни животински видови, а една од најпознатите е човечката риба која живее во Доња Вјетреница.
Појавата на силен „ветер“ на влезот е фасцинантна карактеристика на Вјетреница, а по неа и го добила името. Меѓутоа, не се работи за ветер, туку за физички феномен на проток на воздух, кој има за цел да ја изедначи константната внатрешна и променлива надворешна температура на воздухот.
На топографската површина над Вјетреница има длабоки пукнатини низ кои во летниот период влегува топол воздух, се лади и излегува до главниот влез на пештерата. Константната температура во пештерата е 11 степени Целзиусови, а брзината на ветерот во летните денови е 15 метри во секунда.
Пештерата е многу пространа и хидрографски богата со бројни езера, водопади, потоци и помали подземни потоци кои течат во различни правци.
На самиот влез, од десната страна, има два средновековни релјефи, лов на елени и турнир на витези, а староста на некои пештерски цртежи се проценува на 10.000 години. Најзначајните археолошки откритија се коските на пештерска мечка и леопард.
Најсистематското научно истражување го спроведе чешкиот научник Карел Абсолон во периодот од 1912 до 1914 година, кога ги откри речиси сите пештерски канали познати денес. По овој научник е именуван канал (Аблослонов), кој се карактеризира со честа појава на магла.
Волшебна убавина, пространи ходници и сали, подземни води и водопади, ветар кој постојано тече ја прават оваа пештера единствена во светот. Мистиката на ова место ја сочинуваат и разни народни традиции, а според нив овде живееле самовили, чии гласови се слушаат и денес.
Посетите на Вјетреница се од 1 април до 1 октомври, секој ден од 10 до 18 часот. Туристичките тури на Вјетреница траат од 40 до 60 минути.