Во поплавите во Германија се удавила 43-годишна жена, Шолц го посети поплавеното подрачје

Телото на 43-годишна жена денеска го пронајдоа спасувачите во подрум од куќа во градот Шробенхаузен, во Горна Баварија, регион што е зафатен од големи поплави.

Потрагата по жената траеше од вчера, а таа е втора жртва на поплавите откако во неделата во градот Пфафенхофен ан дер Илм загина пожарникар, пренесува Тагешау.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги посети поплавените подрачја во Горна Баварија заедно со министерката за надворешни работи Ненси Фезер и баварскиот премиер Маркус Зедер.

Дојче бан претходно денеска соопшти дека железничкиот сообраќај меѓу Берлин и Минхен, како и меѓу Штутгарт и Франкфурт е во прекин. Компанијата ги повика граѓаните да ги одложат сите несуштински патувања.

Во југозападниот округ Шварцвалд-Баар се активирани неколку одрони, а во градот Милхаузен неколку лица се спасени од водата чија висина достигнала 1,8 метри.

Во околината на Штутгарт, во окрузите Ремс-Мур и Лудвигсбург, поради поплави затворени се градинките и училиштата.

Во ноќта меѓу саботата и неделата загина пожарникар за време на спасувачка операција во поплавениот град Пфафенхофен ан дер Илм во Горна Баварија, кога се превртел чамецот во кој се наоѓал со тројца свои колеги.