Во ,,Пулс” често имало тепачки: Лани биле пријавени само 2 случаи

Објектот познат како дискотека „Пулс“, каде во пожарот ги загубија животите 59 лица, пред трагедијата беше место каде имало тепачки и други инциденти, од кои дел биле пријавени во полиција. До денот на трагедијата, од почетокот на минатата година, во полиција се пријавени два вакви случаи.

,,Во периодот од 01.01.2024 до 31.12.2024 година и од 01.01.2025 година до 16.03.2025 година, во дискотеката „Пулс“ се случиле две нарушувања на јавниот ред и мир и во овој период не е поднесена кривична пријава за сторени кривични дела“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Полицијата не дава повеќе детали за овие пријави, но жители на Кочани велат дека во оваа дискотека имало и други инциденти кои не се пријавени. Дискотеката со години работи со фалсификувана дозвола и не ги исполнува ниту основните услови за работа, без хидрант, без доволен број противпожарни апарати и без доволно врати за излези за итни случаи, како што беше случајот на 16 март, кога објектот изгоре за само неколку минути. За сите овие пропусти кои доведоа до невидени трагедии, досега се приведени 34 физички и три правни лица.

Сите тие се обвинети за тешки дела против општата безбедност, кои предвидуваат затворски казни од три до најмногу 20 години. За примање поткуп е пријавено и уште едно лице, вработено во Министерството за економија, кое го одобрило работењето на дискотеката иако знаело дека дозволата е фалсификувана. Меѓу овие лица во притвор се поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на пазарниот инспекторат Горан Трајковски, градоначалникот на Кочани во заминување Љубчо Папазов, како и неговите претходници Ратко Димитров и Николчо Илиев.

Зад решетки завршија и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути и поранешната државна секретарка во Министерството за економија Размена Цекиќ. Групата обвинители кои работат на случајот се прошири на 11 истражители, кои се очекува да сослушаат повеќе од 300 сведоци. Во меѓувреме, полицијата извршила претрес и во домот на сопственикот на дискотеката „Пулс“, а неговата сопруга и ќерката неофицијално се повикани на распит. Премиерот и министерот за внатрешни работи неколку пати повторија дека ќе бидат сослушани сите поврзани со овој случај и дека ќе има правда и одговорност за овој случај.