Во Сараево се уапсени претседателот на Судот на БиХ и поранешниот директор на разузнавачката агенција ОБА

Припадниците на Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) денеска во Сараево ги уапсија претседателот на Судот на БиХ Ранко Дебевец и поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање и безбедност на БиХ (ОБА) Осман Мехмедагиќ, јави Avaz.ba.

Дебевец и Мехмедагиќ се уапсени по налог на Обвинителството на БиХ кое ги товари за злоупотреба на службената положба.

Поранешниот директор на ОБА е на американската „црна листа“ од март годинава, а американското Министерство за финансии му воведе санкции затоа што, како што е објаснето, Мехмедагиќ го злоупотребил Телеком БиХ во корист на Партијата за демократска акција (СДА).

Американското Министерство соопшти дека има веродостојни информации дека Мехмедагиќ соработувал со криминални мрежи за да се збогати себеси и својата политичка партија.