Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, започнаа преговорите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави (САД), чија цел е поправање на односите меѓу двете земји и решавање на конфликтот во Украина, јавија руските медиуми, пренесува Анадолу.
Пред главната рунда разговори, претставниците на двете земји имаа неформални контакти, изјави за новинарите Кирил Дмитриев, шеф на рускиот Фонд за директни инвестиции и член на руската делегација.
Според неговите процени, со напуштањето на рускиот пазар американските бизниси изгубиле над 300 милијарди долари.
„Наоѓањето заеднички економски патишта и позитивни решенија за прашањата е исклучително важно главно за САД, како и за многу други земји, кои почнуваат да разбираат дека рускиот пазар е исклучително атрактивен и дека е неопходно да се биде присутен“, рече тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека на средбата ќе се стави фокус на билатералните односи меѓу Русија и САД, подготовките за преговори за решение за Украина и потенцијалната средба меѓу претседателите на двете земји, Владимир Путин и Доналд Трамп.
Саудиска Арабија е избрана за место на средба затоа што е прифатливо за двете страни, рече Песков, додавајќи дека е прерано да се разговара за европско учество во преговорите за Украина.