Во свлечиштето во Грузија загинаа 19, исчезнати се 15 лица

 – Најмалку 19 лица загинаа, а 15 и понатаму се водат како исчезнати во лизгањето на земјиштето во одморалиштето Шови во северозападна Грузија.

Одронот се случи во четвртокот вечерта во одморалиштето Рача-Лечхуми, а операциите за пребарување и спасување и понатаму траат.

Од Министерството за внатрешни работи на Грузија е соопштено дека голем број спасувачки екипи утрово го извлекле телото на 19-то лице што го загуби животот во катастрофата.

Се потврдува дека моментно немаат информации за уште 15 лица.

„За жал, меѓу исчезнатите има седум или осум деца“, рече претходно Зураб Азарашвили, министер за раселени лица, труд, здравство и социјални прашања.

Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили го прогласи 7 август за ден на жалост во целата земја.