За нов министер за одбрана на Косово именуван Ејуп Македонци

– Досегашниот министер за одбрана на Косово, Арменд Мехај, поднесе оставка, а за нов министер е именуван Ејуп Македонци.

Косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека денес, на барање на министерот за одбрана, Арменд Мехај, ја прифатил неговата оставка.

„Барањето за ослободување од должност доаѓа од семејни причини. Му се заблагодарив на министерот Мехај за неговата континуирана работа, импресивниот придонес, редовната соработка и неговата посветеност за пример уште од првиот ден од стапувањето на функцијата“, напиша Курти на Фејсбук.

Премиерот наведе дека за нов министер за одбрана го именувал Ејуп Македонци.

„На министерот Македонци му посакувам добра работа во унапредувањето на одбраната и безбедноста, во развојот и изградбата на нашата војска. Во оваа пригода одржавме заеднички состанок со командантот на Косовските безбедносни сили, генерал-потполковник Башким Јашари“, додаде Курти.

Македонци по чин е полковник, а во јули оваа година замина во предвремена пензија од Косовските безбедносни сили.