Во Скопје отворен Петтиот саем за пчеларство

– На плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје е отворен Петтиот македонски пчеларски саем, кој ќе трае до 5 ноември.

Настанот се организира од страна на Пчеларската федерација на Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, а домаќин на настанот е Град Скопје.

Претседателот на Пчеларската федерација на Македонија, Јане Марков, во изјавата за Анадолу истакна дека целта на оваа саемска манифестација е директен контакт меѓу пчеларите и потрошувачите, односно со корисниците на мед и производите од мед.

„Секој консумент да проба, да почувствува, да направи разлика меѓу вистинскиот мед и другите медови што некој сака да ги протурка на овие пазари“, рече тој, додавајќи дека разликата е што на саемот потрошувачите можат да дегустираат и да го видат вистинскиот мед.

Според него, медот во Северна Македонија не се користи само како храна туку и лек бидејќи го користат и млади и стари и болни, сите лица.

Марков нагласи дека освен медот, на саемот се изложуваат и други пчелни производи и додаде: „Секогаш како што имаме свој матичен доктор, обично да имаме свој пчелар. Бидејќи најубаво е кога се купуваат артикли од познат пчелар.“

На овој саем, кој ќе трае до недела, учествуваат дваесетина пчелари.