Во Собранието дебата за измените на законот за здравствена заштита, опозицијата бара формирање на анкетна комисија за онкологија

Пратениците од власта и опозицијата на денешното продолжение на 120. седница дебатираа за Предлог на законот за изменување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка. Пратениците од опозицијата повторно бараа формирање анкетна комисија за испитување на случајот со Клиниката за онкологија.

Пратениците од власта и опозицијата на денешното продолжение на 120. седница дебатираа за Предлог на законот за изменување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка. Пратениците од опозицијата повторно бараа формирање анкетна комисија за испитување на случајот со Клиниката за онкологија.

Еден од предлагачите на законот Ненад Коциќ од СДСМ кажа дека со измените ќе се создаде правна сигурност и ќе се овозможи професионалност и стручност во именување на работоводниот орган на јавната здравствена установа. Тој нагласи дека на овој начин раководни лица можат да бидат само професионални, стручни лица.

– Со предложеното законско решение се елиминира досегашната можност за именување на директор на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет да може да биде лице кое не е од медицинските или стоматолошките или фармацевтските науки, високо образование – дипломиран логопед, високо образование – специјалист по медицинска биохемија, високо образование од областа на економските или правните науки или јавно здравствениот менаџмент, односно да е само лице со академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку VI А ниво согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации. Исто така, се определуваат условите кое треба да ги исполни лицето за да биде именувано за вршење на должноста директор и се менува условот којшто треба да го исполни лицето со цел да биде именувано за медицински директор, се наведува во образложението.

На Коциќ му реплицираа Здравко Трајанов, Олга Лозановска, Александар Велјановски, кои кажаа дека е потребна политичка, функционална одговорност за состојбата во здравството, особено во случајот со Онколгија и дека во овој момент во услови на одлив на здравствени работници и несоодветни услови за пациентите недостиг на терапија, е поважно да се формира анкетна комисија која ќе треба да ги открие виновниците.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека е хипокризија да се зборува за стручност, со оглед на скандалот со онкологија каде „немало ниту стручност, ниту професионалност, туку само профит“. Милошоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ повеле иницијатива за формирање на анкетна комисија која треба да го испита овој случај, но дека таа се уште не се основа. Ги обвини директорите од СДСМ и ДУИ и, како што кажа, „сопственик на веледрогерија кој има ќерка директор“ дека биле „канцерот“ на македонското здравство. Побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да се формира комисијата.

Во реплика пратеникот на СДСМ Коциќ кажа дека Милошоски шири дезинформации и дека не смее сите лекари и медицински персонал да се стават во ист „кош“ и се согласи дека треба да има одговорност за оние кои ј злоупотребиле функцијата. Тој кажа дека власта е за формирање на комисијата и да се увиди што се случува, но обвини и дека ВМРО – ДПМНЕ си заминало од комисија која самите ја предложиле. Кажа дека за терапија СДСМ одвоило 1.5 милијарда денари.

Пратениот Милошоски рече дека последниве три години долговите на Онкологија достигнале до 20 милиони евра, дека имало набавка на реверс без тендер и ги обвини директорите на онкологија.

Бајрам Кадрија од ДУИ кажа дека политичарите не смеат да спомнуваат имиња се додека не е завршена истрагата. Тој кажа дека оние кои злоупотребиле ќе одговараат откако сите органи ќе утврдат одговорност.

Милошоски кажа дека Собранието има обврска да ја контролира извршната власт и не смее да се саботира формирањето на комисијата.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски рече дека нема проблем да се дискутира кога ќе се создадат услови за тоа откако ќе се донесе одлука на Комисијата на избори и именувања, по што ќе следи пленарна седница.

Координаторот на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицески рече дека треба да има комисија, да се дискутира за деталите, да се изгласа комисијата на пленарна седница, дотогаш заложбата е декларативна. 

Општата расправа за Предлог-законот за измена на Законот за здравствена заштита заврши, а гласањето ќе биде дополнително.

Седницата продолжи со дебата по Предлог на закон за советидавен систем за земјоделство и руралниот развој.