Зеленски им наложи на министерствата да работат со партнерите на нови одбранбени пакети

 – Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес истакна дека им наложил на министерствата за надворешни работи и за одбрана да соработуваат со партнерите на деталите за новите одбранбени пакети.

„Континуирано го следиме снабдувањето со опрема и муниција, како и темпото на нашето сопствено производство. На Министерството за надворешни работи и на Министерството за одбрана им е наложено да соработуваат со партнерите за следните одбранбени пакети да го имаат токму она што е потребно“, соопшти Зеленски преку Телеграм.

Тој рече дека на состанокот за снабдувањето со оружје биле разгледани и разузнавачки извештаи за тактичките и стратешките планови на Русија, за состојбата на нејзината воена опрема и подготовката на воздушните одбранбени системи на Украина за зимата.

Зеленски исто така соопшти дека се разговарало и за елиминирање на последиците од руското бомбардирање на украинските градови и за евакуација на областа Купјанск, како и за изградба на нови станбени објекти во областите Херсон и Киев, како и за функционирањето на договорот за извоз на жито преку Црното Море.

Купјанск последниве денови е место на жестоки борби меѓу руските и украинските сили, каде Москва тврди дека ја подобрила својата позиција покрај линијата на фронтот со поддршка на авијацијата и артилеријата.

Околу 436 лица се евакуирани од Купјанската Област, откако на 9 август локалните власти донесоа одлука за евакуација на оние кои живеат во близина на линијата на фронтот. Според гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, се очекува да бидат евакуирани над 11.000 луѓе.