Во Собранието средби на Делегацијата на Групата за пријателство Косово-Северна Македонија

Делегација на Групата за пријателство Косово-Северна Македонија на Собранието на Република Косово денеска престојуваше во посета на Скопје, при што остварија поединечни средби со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Косово, како и со членови на Комисијата за надворешна политика и на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија.

Делегацијата од Косово ја предводи претседателката на Групата за пријателство, Ганимете Муслиу, но во чиј состав се и пратеничката Влора Думоши и Флоријан Ќехаја, амбасадорот на Косово во Северна Македонија.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на почетокот од средбата, Африм Гаши, претседател на Пратеничката група за соработка, изразил задоволство од реализација на возвратната посета, што е потврда за плодна и фреквентна соработка меѓу парламентите, со бројни посети и средби на двете соседни земји. На средбата биле оценети како одлични односите меѓу двете земји и парламентарната соработка.

На средбата, како што се наведува во соопштението, било посочено дека Северна Македонија дава поддршка за интеграцискиот пат на Косово во ЕУ и во НАТО алијансата, како и во рамки на меѓународните организации.

Економската соработка, како што било потенцирано, е дополнителен поттик за понатамошно унапредување на билатералните односи, инфраструктурното поврзување, како и за зголемување и подобрување на капацитетите на граничните премини, со воведување заеднички контроли, кои би ја олесниле комуникацијата меѓу граѓаните од двете држави и бизнис заедницата.

Претседателката на косовската Група за пријателство, Муслиу потенцираше дека следен чекор треба да биде организација на заедничка конференција на која ќе биде презентирана стратегија за соработка на двата парламента.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Собранието, Антонио Милошоски посочил дека земјите од регионот треба да се посветат уште повеќе на регионалната соработка, со оглед на предизвиците и времетраењето на патот кон Европската Унија. Тој нагласил дека посебен акцент треба да се стави на економската соработка, со цело создавање поперспективен регион, како предуслов за задржување на младите и квалификувани луѓе во своите држави.