„Во Украина го нарековте геноцид“, рече белгиски политичар за „двојните стандарди“ на ЕУ во Газа

На социјалните мрежи нашироко е споделен говорот на Марк Ботенга, пратеник во Европскиот парламент (ЕП) од белгиската Лабуристичка партија, во врска со смртта на децата во Појасот Газа, каде Израел продолжува со своите неселективни бомбардирања и гранатирања.

Говорејќи на Генералното собрание на Европскиот парламент, Ботенга потсети на оценката на Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) дека во Газа се води „војна против децата“ и изјави дека до денес во Газа се убиени повеќе од 7.700 деца.

„Кога ова се случуваше во Украина, вие го нарековте геноцид“, рече Ботенга, критикувајќи ги двојните стандарди на ЕУ.

Обраќајќи им се на оние кои го поддржуваат Израел во рамките на ЕУ, Ботенга рече: „Но не сакам да ви одговорам, бидејќи нема политички разлики меѓу вас и мене. Едноставно кажано, има разлика во човечноста“, истакна Ботенга.

За европските политичари кои го поддржуваат Израел, Ботенга рече дека ракоплескаат на „војната што ја водат израелските владетели против целиот палестински народ“.

Нагласувајќи дека ЕУ е соучесник на Израел со продолжувањето на продажбата на оружје, Ботенга во обраќањето пред европските парламентарци рече: „Се надевам дека една вечер без срам ќе можете да се погледнете во огледало“.

Говорот на Ботенга стана вирален на социјалните мрежи.