Струга ТЛ загуби од Жалгирис во реваншот од квалификациите за ЛШ

 Екипата на Струга Трим и Лум загуби од Жалгирис со 1:2 во првото квалификациско коло на фудбалската Лига на шампионите.

Домаќините беа блиску до пласман во второто квалификациско коло, имаа позитивен резултат до 15-ина минути пред крајот, но набрзина примија два гола за целосен резултатски пресврт.

На натпреварот одигран попладнево на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид по многу топло време, Бесарт Ибраими во 76. минута од пенал донесе водство за стружани. По само две минути Јури Кендиш го изедначи резултатот. До победата литванскиот тим стигна со автоголот на Сава Радиќ во 84. минута.

Првиот натпревар одигран во Каунас заврши нерешено 0:0, па Жалгирис со вкупни 2:1 оди на пресметка со Галатасарај, додека Струга оди во 2.коло квалификации за Конференциската лига каде ќе се сретне со Будуќност (Црна Гора).