Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека четири лица загинале, а најмалку 92 се повредени во рускиот напад врз Украина со проектили и беспилотни летала.
Тој рече дека од 31 декември Русија лансирала околу 170 нападни беспилотни летала Шахед и десетици различни ракети кон Украина.
– Веќе трет ден нашите сили за воздушна одбрана вршат неверојатна работа. Им благодарам на сите партнери кои помагаат да се зајакне нашиот воздушен штит. Очигледно е дека помага да се спасат стотици животи секој ден и секоја ноќ, кои ќе беа одземени од рускиот терор да не беа Патриотите и другите одбранбени единици“, напиша Зеленски на Телеграм.
Полска подогна ловци Ф16
Полска објави дека два пара нејзини борбени авиони Ф-16 и сојузнички воздушен танкер се на небото среде најновиот бран руски напади врз Украина.
Полска тогаш објави дека воените авиони кои го штитат нејзиниот воздушен простор се вратиле во базата откако нивото на закана поврзано со руските напади врз Украина е намалено.
„Поради намаленото ниво на опасност, должноста на полските и сојузничките авиони во нашиот воздушен простор е прекината. Ресурсите се вратија во нивните бази и стандардните оперативни активности“, објави оперативната команда на полската армија на Твитер.
Да потсетиме, минатиот петок руска ракета навлезе во полскиот воздушен простор три минути, пред повторно да премине во Украина. Полските власти не објавија дополнителни информации.
Русија утрово со ракети ги нападна украинските градови Киев и Харков, соопштија управите на тие два града, откако Москва најави одмазда за минатонеделниот украински напад врз Белгород. Ракетниот напад врз Киев уследи по напад со беспилотно летало неколку часа претходно. Русите наводно лансирале ракети Кинжала.
Повеќе од 10 експлозии одекнаа во главниот град на Украина, потресувајќи згради во центарот. Воената управа на градот извести дека парчиња соборени ракети паднале во неколку области, вклучително и на станбени згради.