Во Туркменистан денеска се одржуваат парламентарни избори

– Во Туркменистан денеска се одржуваат првите парламентарни избори откако уставните реформи во поранешната советска република ја консолидираа моќта на семејството Бердимухамедов во јануари.

Избирачките места беа отворени во 07:00 часот по локално време, а ќе бидат затворени во 19:00 часот.

Економијата на Туркменистан главно се заснова на продажбата на големите резерви на гас, што стана уште побарана стока откако руските сили ја нападнаа Украина, истакнува АФП, пренесува БТА.

Повеќе од 16 години со Туркменистан владее семејството Бердимухамедов. Актуелниот претседател Сердар Бердимухамедов стана шеф на државата во март минатата година, наследувајќи го својот татко Гурбангули Бердимухамедов. Сепак, поранешниот претседател продолжува да игра важна улога во политичкиот живот, откако во јануари предложи да се укине Горниот дом на парламентот и парламентот на Туркменистан повторно да стане еднодомен. Предлогот беше едногласно одобрен од народните претставници, а Гурбангули Бердимухамедов раководи со ново тело со широки овластувања, наречено Народен совет.

Претседателот Сердар Бердимухамедов увери дека парламентарните избори ќе се одржат во согласност со „принципите на демократијата и во согласност со националното и меѓународното право“.