Континенталниот дел на САД е погоден од најстудениот ветар досега забележан и температура од минус 77 степени Целзиусови во Њу Хемпшир, соопошти метеоролошката служба, а како последица на студениот бран речиси 100 милиони лица во Северна Америка живеат под арктички студ.
Националната метеоролошка служба на САД (NWS) соопшти дека ледените налети на ветрот на планината Вашингтон, во Њу Хемпшир, синоќа предизвикале температури до минус 77 степени Целзиусови, што е најниската температура досега регистрирана на планината.
Речиси 100 милиони луѓе низ североисточниот дел на САД и Канада се погодени од екстремно ниски температури, а властите предупредуваат дека смрзнатини може да настанат за помалку од 10 минути. Властите ги повикаа жителите од Манитоба, во Канада, до Мејн, во САД, да го ограничат времето поминато на отворено. Комбинираниот ефект на ветер и студ се очекува да донесе најниски температури од 1980-тите во Мејн, Нова Англија, како и во Квебек и делови од источна Канада.
Во Бостон е прогласена вонредна состојба поради студот, а државните училишта се затворени, како и блиските Ворчестер и Бафало, Њујорк.
Њујорк, каде е измерена температури од минус 23 степени Целзиусови, донесе вонредна уредба со која на бездомниците им се дозволува да одат во кое било засолниште за да се засолнат поради студот. Ниските температури ги зафатија и американските држави од Средниот Запад – Мичиген, Висконсин, Индијана, Илиноис и Охајо.
Екстремно ниски температури погодија и делови од Канада: поголемиот дел од Квебек и цело Онтарио, како и делови од Манитоба, а Торонто вчера забележа температура од минус 29 степени Целзиусови.
Падот на температурите беше предизвикан од силниот арктички фронт што се протега од канадските поморски провинции до централните делови на САД. Од понеделникот најмалку 11 лица загинаа во невремето во јужниот дел на САД.