Вработените во Пошта ќе протестираат

Вработените во Пошта ќе протестираат денес од 8 до 10 часот. Ќе бараат исплата на платата за минатиот месец и решение за состојбата во поштенското претпријатие.

Протестот ќе биде пред Дирекцијата и во сите подружници.

„На протестот вработените ќе го изразат револтот и загриженоста од серизноста на состојбите во која е доведена АД Пошта предизвикани од финансиската криза, крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот. Работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15-ти во месецот, за февруари 2024 година доведувајќи ги до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства“, вели претседателот на Синдикатот, Боро Велигденов.

Тој додава дека комуникацијата со раководството е на многу ниско ниво, немаат слух за проблемите на своите вработени и не се придржуваат до договорените ставови, права и обврски.