“ВРАТЕТЕ СЕ!“ – Виктор Орбан е убеден дека го има ‘рецептот’ за крај на војната во Украина: “Ова е единствениот човек на Запад, само тој може да донесе мир“
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, еден од најголемите сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, може да стави крај на војната во Украина доколку победи на претседателските избори во САД, кои ќе се одржат во 2024 година, пишува Newsweek.
„Има човек на Запад кој би можел да ја заврши војната во Украина и да донесе мир во неа. Тоа е Доналд Трамп“, изјавил Виктор Орбан во петокот за унгарската радио станица Kossuth Rádió.
„Унгарија би сакала на чело на САД да види личност која се залага за мир“, вели унгарскиот премиер.
Виктор Орбан е голем поддржувач на Доналд Трамп, а претходно изјави дека Русија немаше да ја нападне Украина доколку тој победеше на претседателските избори во САД во 2020 година.
Откако Доналд Трамп неодамна изјави дека не е виновен за ниту една од 37-те точки од обвинението на федералната Влада за незаконско постапување со тајни документи, Виктор Орбан му испрати порака за поддршка преку објава на социјалната мрежа Твитер.
Минатиот месец, за време на говорот што го одржа на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во Будимпешта, Виктор Орбан повика на враќање на Доналд Трамп во Белата куќа.
„Вратете се, господине претседателе, направете ја САД повторно голема и донесете ни мир“, нагласи тогаш унгарскиот премиер.
CPAC е собир организиран од Американската конзервативна унија (ACU) од 1974 година.
Покрај тоа што го поддржува Доналд Трамп, Виктор Орбан е и голем поддржувач на Владимир Путин, што го покажа кога постојано се обидуваше да ги олесни или блокира санкциите што Европската унија ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина нарачана од рускиот претседател на крајот на февруари 2022 година.