„Времето истече“ Една реченица доведе до историски договор Израел-Хамас, вклучена ЦИА: Зад сцената на договорот за прекин на огнот

По повеќе од месец и половина крвави судири, Израел и Хамас се договорија за краткорочно примирје и размена на заложници. Примирјето почна во петокот во мугрите, а целиот процес ќе се одвива во неколку фази. Постои можност примирјето да се продолжи на 10 десет дена, што ќе зависи од размената на заробениците. За целиот договор најмногу придонесе Катар, чии власти презедоа драстични чекори по разговорите со американскиот претседател Џозеф Бајден.

Израелската влада објави детали од договорот постигнат со Хамас, според кој двете страни ќе разменуваат заложници или затвореници за време на четиридневниот прекин на огнот. Операцијата ќе се спроведува во повеќе делови и фази, а постои можност и прекинот на огнот да биде продолжен.

Како што се наведува, со одлуката владата на Бенјамин Нетанјаху да го прифати договорот со Хамас, договорено е да се обезбеди ослободување на околу 50 заложници од 240 што Хамас ги киднапираше на 7 октомври во нападот на југот на Израел.

Одлуката вклучува три анекси – препорака од советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, доверлив документ претставен на воениот кабинет, но не ослободен, и список од 300 палестински затвореници кои се подобни за ослободување според договорот.

Според одлуката, сите 300 палестински затвореници ќе бидат ослободени само под услов 100 живи заложници – израелски државјани или жители – да бидат ослободени од Газа и вратени во Израел.

Повеќе фази на договор

Ослободувањето ќе се одвива во два дела, со повеќе фази во секој дел.

Во првиот дел, Израел ќе ослободи 150 палестински затвореници кога 50 заложници ќе бидат вратени во Израел. Ќе се одвива во четири фази, а во секоја фаза ќе бидат ослободени најмалку 10 заложници.

Првиот дел ќе трае четири дена, при што ќе има пауза во борбата“, се наведува во одлуката.

Во вториот дел, Израел ќе ослободи дополнителни 150 палестински затвореници доколку во Израел бидат вратени минимум 50 дополнителни заложници.

За секое дополнително ослободување на 10 заложници ќе има дополнителна 24-часовна пауза во борбите“, се вели во договорот.

И во оваа фаза, палестинските затвореници ќе бидат ослободени само кога заложниците ќе бидат вратени во Израел.

Десет дена мир?

Понатаму се наведува дека „веднаш по завршувањето на паузата во борбите што е неопходна за да се обезбеди ослободување на заложниците, борбите ќе продолжат во Појасот Газа со цел да се уништат воените и организациските способности на Хамас и палестинскиот исламски џихад и да се создадат услови за враќање на сите заложници“.

Одлуката го овластува воениот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галан и министерот Бени Ганц да одлучуваат за идентитетот на затворениците што ќе бидат ослободени во секоја фаза, а кои се на поднесената листа. Тие исто така се овластени да го одредат времето на секоја фаза.

Дополнително, тие можат да одлучуваат за завршување на фазите, а целата размена и пауза во борба е ограничена на максимум десет дена од крајот на првата фаза.

Зад сцената на договорот

„Ни треба овој договор“, му рекол Бенјамин Нетанјаху на координаторот на Белата куќа за Блискиот Исток пред една недела во Тел Авив, според извори запознаени со договорот.

Претходно истиот ден, Нетанјаху и американскиот претседател Џозеф Бајден телефонски се согласија дека се подготвени да ги прифатат општите контури на договорот за ослободување на 50 жени и деца држени како заложници.

Големиот пресврт се случи два дена претходно. Хамас попушти во обезбедувањето информации за неколку десетици заложници, како што се нивната возраст, пол и националност.

Катар, кој ја имаше главната посредничка улога, не можеше да стигне до Хамас. Кога групата конечно повторно се појави за преговори, лидерите на Хамас се заканија дека ќе ги прекинат преговорите.

Кога продолжија разговорите, Бајден упати уште еден повик до емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани. Неговата порака беше јасна: „времето истече“. Емирот го увери Бајден дека ќе направи се што е можно за да го затвори договорот.

Следниот ден, американски функционер се сретна лично со емирот во Доха за да го испита текстот на конечниот договор. Жените и децата требаше да бидат ослободени во првата фаза, со стимулации за Хамас да ослободи повеќе заложници потоа. Директорот на ЦИА Вилијам Брнс беше повикан на состанокот по телефон.