Вулканот однесе 22 животи – Драма во Индонезија: Спасувачите пронашле тела по ерупција во Индонезија (ФОТО)
Бројот на загинати од ерупција на вулкан во Индонезија се искачи на 22, откако спасувачите пронајдоа уште девет тела.
Потрагата по 10 исчезнати планинари на планината Марапи продолжи во вторникот, откако беше прекината поради безбедносни причини.
Официјални лица рекоа дека девет тела биле извлечени до попладневните часови, а едно се уште се води како исчезнато. Во болница се згрижени уште дванаесет повредени.
Честите вулкански ерупции ги попречуваат спасувачките напори со денови.
Ахмад Рифанди, шеф на опсерваторијата на Марапи, изјави за АФП дека само во вторникот биле регистрирани пет ерупции.
– Марапи се уште е многу активен. Не можеме да ја видиме висината на колоната затоа што е покриена со облак – рече тој.
Спасувачите изјавија за BBC News Indonesia дека ги користат краткотрајните периоди на релативно смиреност за да ги бараат исчезнатите и дека напорите за пронаоѓање на последниот исчезнат планинар ќе продолжат во среда.
Вулканот исфрли пепел 3 километри во воздухот во неделата, покривајќи ги околните села со пепел.
За време на ерупцијата, во областа имало 75 планинари, од кои повеќето биле евакуирани и лекувани поради изгореници.